Новости

    Основач

    Ѓорѓија Џорџ Атанасоски
    Биографија

    Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е роден на 18 февруари 1952 година во село Марул, Прилепско.
    Безгрижното и весело детство поминато низ атарите на селото Марул, за Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски претставува незаборавно време на еден пријатен период од неговиот животен тек. Во 1962 година семејството Атанасоски се сели во Прилеп, каде Ѓорѓија го завршува основното образование. Потоа се запишува во средното индустриско училиште, на механички отсек, во Прилеп, но не го завршува заради неговото заминување во Америка.
    Во 1970 година заминува за Америка, Њујорк, кај својот постар брат Јосиф. Кариерата ја почнува како инженер, работејќи во Њујорк универзитетот. По петгодишен престој во туѓина, двајцата браќа Македонци, Јосиф и Ѓорѓија Атанасоски ја формираат фирмата Microflex Inc. Денес, на повеќе од 16.000 метри квадратни, во Ормонд Бич на Флорида, индустриски е лоциран комплексот на Microflex Inc. Оваа мултимилионска производствена корпорација, со комплетно автоматизирани погони, се занимава со изработка на флексибилни метални производи со врвен квалитет. Сведоштво за тоа е долгогодишната успешна соработка на компанијата, сопственост на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски, со светски познатите компании: Форд, Крајслер, Џенерал Моторс, Џенерал Електрик, НАСА и многу други фирми во светот. Поголемиот дел од бизнисот на Microflex Inc. функционира интернационално, компанијата е вклучена во најразновидни индустриски гранки како што се петрохемиската, автомобилската, авионската индустрија, електричните централи, бродоградбата итн. Наскоро Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски планира да го изгради првиот погон во Македонија за да се задоволат потребите на ЕУ и НАТО и другите европски земји со производи од програмата на Microflex потврдени со сертификати за стандардизација на квалитет (ISO 9001).
    Во мај 1992 година Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски своите напори ги фокусира на финансиското помагање на Светскиот Mакедонски Kонгрес, единствена Македонска етничка организација со меѓународен статус, која работи во интерес и афирмација на Македонската држава и нејзиниот економски развој. Таа година е избран за претседател на Светскиот македонски конгрес за Северна Америка, при што една од главните активности е спонзорирањето на истражувачките работи од областа на античката историја во Македонија.
    Во 1994 година Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски се кандидираше за претседател на Република Македонија.
    Во периодот од 1974 до 1980 година, Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е член, а подоцна и секретар на една од најстарите Македонски организации во Северна Америка, Македонската заедница во Њујорк, која ги поромовираше македонската нација, историја и култура. Преку спонозрирање на социокултурни настани, тој успеа да ја обедини македонската заедница, активно соработува и со американските власти за унапредување на правата на Македонците во САД. Исто така, шеф е на организацијата за заштита на македонското име, знаме, Устав како и признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот.
    Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски ја имаше ретката можност пред највисоките претставници на Белата куќа да ја каже вистината за Македонија и за Македонскиот народ. Неговото сестрано заложување секако даде свој придонес во признавањето на уставното име на Македонија од страната на САД, затоа што во една високоразвиена демократска земја не може а да не се слушне и да не се почитува гласот на човекот, кој сите свои сили ги насочува кон поуспешниот развој на татковината.
    На македонската, но и на светската јавност овој Македонец и е добро познат по своите активности во економијата, политиката и информирањето. Имено, татковината секогаш останува татковина каде и да си, барем во случајот на Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски. Сонцето од Кутлеш (Палатица) е лајт мотив и симбол на животот и работата на Атанасоски. Воден од неготово македонско сонце во родната грутка и никогаш нераскинливите врски со неа, тој на недвосмислен начин повеќе од една деценија ја докажува својата приврзанот.
    Со цел да создаде верба во независните медиуми во земјава, во 1994 година го кофинансира, организира и етаблира првиот светски неделник “Македонско сонце” како искучително независен медиум. Во 1996 година ја основа и станува претседател на “МАК АМ Интернешенл Корпорејшн” меѓународна трговска компанија со филијали во Флорида, САД, Скопје и Прилеп,чија основна дејност е увоз-извоз на производи во и од Македонија. Воедно, тој е сопственик и на хотелот “Липа”, хотелот “Сонце ГА” и на фирмата “Жито Прилеп” од Прилеп.
    Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски во 1996 година ја формира и станува претседател на партијата Македонска алијанса. Оваа партија има ограноци во речиси сите замји во светот каде што живеат Македонци. Македонска алијанса, според својот статут и програма во кои се втемелени патриотските ставови на Атанасоски, претставува синоним за националната борба на македонскиот народ, но воедно има поставено и амбициозни планови за излез од економската криза на државава, а се со една цел – севкупен просперитет на татковината Македонија.
    Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е основач на Телевизија Сонце, која за прв пат започна со емитување на сопствена програма во 2008 година како национална сателитска телевизија. Атанасоски ги финансира изградбата и развојот на телевизијата. Концепцијата и уредувачката политика на оваа ТВ куќа е да информира за случувањата и политиката на Македонија кои се базираат врз основната цел – афирмација на македонските национални вредности во Македонија и во светот, поточно секаде каде што живеат и работат Македонци.
    Во 2015 година Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски ја основа Фондацијата Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски. Целта на Фондацијата Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски е заштита, обнова, унапредување и промоција на македонското историско, национално, културно и духовно наследство и богатство, во Македонија и во светот и подршка и развој на граѓанското опшество , едукација на млади од секоја област, организирање на јавни дебати и трибини , хуманитарни активности преку собирање средства и нивно насочување кон одредени сегменти во општеството кои се од интерес за пошироката јавност, како што се хуманитарни активности, образование и животна средина, стипендирање и подржување на талентирани студенти од било која област.